Солидарност за неспособните
Општеството во кое живееме се уште негува грда навика да ги турка слабите, немоќните и неспособните само затоа што имаат „храброст“ постојано да кукаат и да се жалат. „Греота е“, ќе речат луѓето. Ве молам, заборавете го тој збор. Предлагам Институтот за македонски јазик да го отфрли од речникот.
Пред извесно време бев сведок на факултет како една студентка, која беше дупка во знаење, доби шестка благодарение на нејзината „актерска“ умешност да одглуми едно театрално сценарио, во кој божем беше ужасната од смртта на нејзината блиска роднина. Професорот фатен на слабост се сожали и и чкртна шестка.
Толку многу е голема бројката на фолиранти што навистина е тешко да се одреди кој во ова општество навистина пати, а кој не. Ако видиме, на некој начин патиме сите. . . кои го дишеме кислород.
Не е важно како ќе се стигне до целта
Макијавелизам? Токму така. Не се избираат и не треба да се избираат средства. Погледнете ги најбогатите луѓе во државата. На сите им е јасно дека тие го акумулирале капиталот на криминален начин. Сите. Дали тие искрено некогаш биле засегнати дека илјадници семејства благодарение на нивните одлуки ќе гладуваат и ќе страдаат барајќи ја препатизираната (но, така често необезбедена) егзистенција? Со други зборови, дали се загрижиле за татковината или што би рекле популистите „народот леб да јаде?“
Апсолутно не. Ниту една политичка партија од повлијателните нема намера да се пресметува судски или не знам како. Го кажаа тоа. Мислат да ги амнестираат. Да заборават на се. Нема лоши, нема арамии, нема зло. А вие? Една мастика ќе дрпнете од самопослуга и притоа се притресувате и ви се јавува грижа на совест. Реков совест? Лош социјалистички збор.
Што ќе речат другите?
Тоа е најмалку важно. Ако сакате да сте успешен човек во денешно време, треба да сте имун на сите муабети во поглед на вашата чест, достоинство или кредибилитет. Никогаш не демантирајте. Ништо не ви можат оние кои ви зборуваат, зошто зборувајќи тие забораваат да направат нешто. Било што. Затоа пожелно е, дури забавно, да им давате повремено материјал, кои потоа систематски ќе го преџвакуваат со недели.
Не бидете никогаш сосема чисти. Измислете си мала афера, доколку е неопходно. Ако масата губитници не дознаат компромитирачки сознанија за вас и вашата дејност, може навистина да стане опасно. Може конечно да почнат да мислат на себеси и каде се тие во однос на времето и просторот.
Отфрлете го штедењето
Вратете се на старата буржоаска философија „животот е тежок и краток“, фрлете се на уживање и трошење на вашите пари. Зошто сте сигурни дека вашите пари ќе им се најдат на поколенијата, со оглед на тоа во какво болно образование сте ги пратиле да се школуваат и во каква се не социјалната средина си играат. Има голема веројатност вашиот наследник да го спичка капиталот во најкус можен рок. Затоа уживајте и расфрлајте се со пари. Штедењето е стара социјалистичка навика, која треба што побрзо да се искорени.
Бидете аполитични
Бош муабетите од типот: Дали си за Тито или Сталин, дали си за Русите или Американците е демоде одамна. Како и за ВМРО или СДСМ. Треба да соработувате со сите на секаков план. Тоа одамна го прават партиските капиталисти. Тие само пред ТВ глумат дека се сериозни противници. Нивните заеднички бизнис-релации цветаат. Учете од нив. Учете од победниците во нашето општеството и ќе имате некакви шанси за успех.
Извлечете поука од промашениот социјалистички работник
Имам еден комшија (го спомнувам бидејќи сигурно нема пари да си купи весник) кој во социјализмот беше директор во една фабрика. Кога се случија општествените промени, тој сиот социјалистички занесен се стави во одбрана на работниците, организира штрајкови, бунтови, и погодувате го истресоа ко партал. Остана на улица. Полежа малку и затвор „за да му дојде умот. „ Имено, украл еден кубик дрва. Арамија, срам да му е. Деновиве го видов како се моли во својот двор, и воопшто со никој не муабети. Ако некогаш разговара, избезумено блада некакви молитви. Кој е заклучокот на сето ова? Големите комунисти станаа големи капиталисти, малите комунисти станаа големи верници.
Нема корист од морализирање
Морализатор е оној кој се повикува на моралните норми, но не ги применува. Сите имаат навика да морализираат. И тие малку морални, морализираат исто, но што им вреди кога некои аморални ликови морализираат многу поубедливо од нив. НБА легендата Чарлс Баркли имаше обичај да вели: „Не зборувам со луѓе кои заработуваат помалку од мене.“
Колку помалку некој заработува толку повеќе има време и желба да морализира „како треба, што треба“. Кој може да ги поднесе, на кого уште можете да му објаснете нешто што остана необјаснето во целава ситуација?
И можеби не е до цената на весниците, или не знам што. Можеби на читателот му здодеа да чита морализатори какви што се колегиве од колумнистичкава фела, на кои филм им е да пукаат во празно и да напаѓаат „општо“. Еден по еден треба да ги палат светнатите чевличиња.
П.С. Завршив. Да ви признаам, дупка пијан сум. Го молам лекторот да си ја заработи платата. Ако деновиве на улица ме начека некој навреден социјалист имам да му кажам само:
„Извини бато, пијан бев...пијан од раниот капитализам.“
Алекс Букарски[b]
Значи вака, сакам да чујам што мислите на темата. Без препукувања, навреди итн...